право велиш ти, па го ставивме да води мал бизнис за да има приход и
каква-таква почит.
„Ова го велам не како критика на твојата работа, која фактички е
прецизна, но Пако е доживотно вработен… Тој вади и мал профит, кој јас и
мајка ти го ставаме во фонд за него, за пензија, за кој тој не знае.“
Дејзи имаше чувство дека ја наместиле да не успее, но се утеши од
фактот дека чесно се потрудила да го анализира бизнисот во рамки на
сознанијата што ѝ беа доверени.
Ѝ беа потребни месеци за да ги анализира другите четиринаесет
бизниси, но немаше повеќе скриени стапици, иако еден од баровите го
водеше друг бивш вработен. Легитимната империја на Џон во Андалузија се
состоеше од три средно скапи хотели, дрогерија, четири ресторани, четири
барови, туристичка агенција, тур-оператор и менувачницата „Камбио“ на
Пако. Меѓутоа, таа најде неусогласености кај два од баровите и два од
хотелите.
Едно попладне, додека го минуваше делот од денот со Тони во
градината, побара совет од него, како што правеше цел живот. Тој ѝ беше
многу повеќе од чичко и човек од доверба; повеќе од вистинските.
„Чичко Тони, одамна си кај татко ми. Мислиш дека помагам за фирмата
или сакаат да ме откачат?“
„Малечко, никогаш не сум те излажал намерно, но треба да бидеш
свесна дека сум му лојален првенствено на татко ти. Ако тој ти вели дека
помагаш, кој сум јас да се објаснувам? Тој ја гледа големата слика… Јас сум
задолжен за обезбедување и за некои други работи. Мојот совет е дека
мораш да веруваш на одлуките на татко ти. Сепак, досега добро му оди,
така? Но, ако ти не се согласуваш, тогаш треба да си го следиш срцето. Жал
ми е што не можам повеќе да ти помогнам, но секогаш ќе ти бидам пријател
ако ти требам. Тоа можам да ти го ветам.“
„Знам, чичко Тони... Го знам тоа. Ти си ми потпора, отсекогаш си ми бил.“
И покрај тоа што беше висока, се посегна нагоре за да го бакне на образот
со остри црти. Тој ја стави раката околу нејзиното рамо и ја стисна.
„Подобро да одам да патролирам, госпоѓице“, рече тој, пуштајќи ја и
заминувајќи. Таа беше единствената жена со која немал секс, а која му
значеше нешто, освен неговата мачка, за која зажали што ја нарече ’Пуси‘, секој пат кога требаше да ја викне дома.
4 ДЕЈЗИ СТЕКНУВА САМОДОВЕРБА
Во месеците што следеа, Дејзи уживаше да се запознава со менаџерите
на легитимните бизниси на татко ѝ и успеа да собере многу податоци, кои
потоа ги анализираше и ги претвораше во предлози за нивно усовршување
и подобрување.
Сите тие компании се наоѓаа помеѓу Марбеља и Лос Боличес, што е
кратко растојание за возење по крајбрежјето. Затоа таа беше многу
изненадена кога дозна дека повеќето од нив не знаеја оти